Анализа на вести, Коронавирус

Завршниот чин на „војните за вакцини“: Стратегија на глобалните и растечките сили

Како што трката со времето продолжува да ги ублажува ефектите на пандемијата од коронавирусот, сѐ поголем е трендот одредени земји и регионални блокови да го задржуваат потенцијалот на производство на вакцини во своите географски граници

Sadik Unay   | 16.04.2021
Завршниот чин на „војните за вакцини“: Стратегија на глобалните и растечките сили

Пишува: Садик Унај

- Авторот е професор по економија на Универзитетот во Истанбул, Турција

ИСТАНБУЛ (АА) - Во статијата насловена „Постхегемонски светски и војни за вакцини“ [1], која во август минатата година ја напишавме за Агенција Анадолија (АА), укажавме на тоа дека пандемијата на Ковид-19 ја продлабочи динамиката на нестабилност во мултиполарниот глобален систем. Истакнавме дека на оваа закана кон јавното здравство, која се појави во период на разредување на атмосферата на меѓународната координација и слабеењето на мултилатералните институционални структури, владите одговорија со масовна мобилизација и на повидок беа знаци на војна за пристап до вакцини, кои имаат клучна улога во борбата против пандемијата. Исто така, изразивме мислење дека е во тек глобална конкуренција, бидејќи вакцините кои ќе се развијат против болеста Ковид-19 и нејзините варијанти ќе даде супериорност на глобалниот пазар на биотехнологијата и политичкиот престиж, особено на растечките сили. Истакнавме дека производството и дистрибуцијата на вакцини ќе биде новиот фронт во борбата за хегемонија помеѓу глобалните и новите растечки сили, а која веќе беснее во валутните, трговските, како и во вселенските технолошки војни.

Во шест месеци, како резултат на заедничките напори на мултинационалните фармацевтски компании, телата на јавните власти, како и на истражувачките институции, студиите за развој на вакцини напредуваа побрзо од кога било порано. Различните видови вакцини кои ги произведоа различни компании ги поминаа фазите на развој и масовните испитувања, забрзано се лиценцирани и ставени на располагање на комерцијалните пазари за јавна употреба. Меѓутоа, во ваквото опкружување, избувнаа „војни за вакцини“, односно борби за контрола на глобалното производство и механизмите за дистрибуција на вакцините, кои можат да напредуваат само со одредена брзина, како и на кои земји и сегменти на општеството ќе биде даден приоритет во вакцинацијата. Денес, сите главни играчи на глобалниот пазар на вакцини настојуваат да ги забрзаат кампањите на масовна имунизација со најефективно користење на своите биомедицински производствени капацитети, поттикнувајќи соработка помеѓу мултинационалните фармацевтски компании. Меѓутоа, како што трката со времето продолжува да ги ублажува ефектите од пандемијата, сѐ поголем е трендот одредени земји и регионални блокови да го задржуваат потенцијалот на производство на вакцини во своите географски граници, првенствено за своите граѓани.

- Војни за вакцини со стапки на глобалната распределба на доходот -

Кога притисокот на глобалната побарувачка за вакцини ќе почне да се акумулира на земјите во кои се наоѓаат погони за производство и ќе стане ненадминлив, веројатно ќе се сретнеме со следното сценарио: воведување меѓународни ограничувања за извоз на вакцини или, дури, забрана на давање приоритет на домашната популација кога е во прашање снабдувањето со вакцини. Фактот дека глобалната индустрија на вакцини е сконцентрирана во рацете на одредени земји во кои се наоѓаат биомедицинските погони и кои не покажуваат географско ширење кон постфордизмот во светската економија, дава соодветна основа за таквите заштитни рефлекси. Ограничувањата од страна на државите или регионалните блокови, како Европската Унија (ЕУ), во кои се наоѓаат произведувачите, можат да наметнат сериозни предизвици во глобалниот ланец на снабдувањето со вакцини. Освен тоа, доколку трговската војна продолжи да ескалира, меѓународните ограничувања можат да се наметнат со суровини кои интензивно се користат во производството на вакцини, но се достапни само во неколку земји. Во тој контекст, жестоката конкуренција помеѓу националните влади за пристап до медицинските потреби - како што се маски, заштитна облека и респиратори во првиот бран на пандемијата - може да биде сугестивна во поглед на идните проблеми со кои можат да се соочат. Главниот структурен проблем кој може краткорочно да предизвика „вакцинска воена програма“ е тој што вкупниот капацитет за производство на вакцини во светот е доволен да заштити само половина од глобалната популација во 2021 година или дури, до 2022 година. Исто така, можност на пристап до вакцинација во индустриските земји од Земјината северна хемисфера и малиот број растечки сили ги присилува „војните за вакцини“ да ги следат трагите на глобалната распределба на доходот. Иако земјите со висок доход, кои побараа лавовски удел и во производството и во понудата на глобалниот пазар на вакцини, се обидуваат да ја вакцинираат целата популација купувајќи повеќе од своите производствени капацитети однапред, па дури создаваат залихи, тие, исто така, започнуваат и нови бранови на протекционизам.

Меѓу земјите во развој со голем број жители, освен силите во подем како Русија, Кина и Индија, познато е дека постојат актери со потенцијал за развој на вакцини и масовно производство. Во овој случај, многу земји во развој мораат да чекаат меѓународните хуманитарни организации да дејствуваат преку Глобалната програма за пристап до вакцини против Ковид-19 (COVAX), кога е во прашање снабдувањето. КОВАКС, кој има за цел испорака на две милијарди дози вакцини во земјите во развој во 2021 година преку купување и неповратни средства, напредува прилично споро, бидејќи е засенет со геополитичката загриженост и политичката конкуренција. Многу малку е веројатно дека вакцините кои ги произведуваат мултинационалните корпорации со седиште во САД и Европа ќе продрат во Русија и Кина, како и на националните пазари кои се под влијание на тие две земји, или дека руските и кинеските вакцини ќе најдат пристап до западните пазари.

Поради тоа, покрај нерамнотежата на понудата и побарувачката, сериозна геополитичка загриженост предизвикува и тоа што глобалниот пазар на вакцини станува многу искривена структура. Видливо е дека обидите за воспоставување контрола и монополизација над производствените потенцијали на меѓународните произведувачи во оваа искривена структура на пазарот исто така предизвикуваат сериозни судири помеѓу индустријализираните земји. Ескалацијата на спорот околу снабдувањето со вакцини помеѓу ЕУ и „АстраЗенека“ во последните седмици е до таа мерка дојдена што се заканува со извоз на дози кои се произведени во ЕУ надвор од Блокот, што е најсвеж пример за тоа.

- Од дипломатија за вакцини до силеџиство -

Протекционистичките испади на Европската комисија кои ги предизвикаа „вакцинските војни“, се манифестација на фактот дека европските земји, вклучувајќи ја Германија во која е развиена вакцината „Фајзер“/„Бајонтех“, заостанува во глобалната трка на вакцинирање. Европската комисија одлучи да управува со процесите на купување вакцини во земјите на ЕУ од единствен центар во рамките на регионалната солидарност и финансиската рационалност, кој не ги зема предвид протекционистичките рефлекси кои се јавуваат во периодот на пандемијата. Овој пристап, кој ги спречува владите самостојно да склучуваат договори со производувачите на вакцини, е заснован на разбирањето дека можат да се постигнат подобри цени за единствениот пазар на ЕУ од речиси 450 милиони луѓе. Истовремено, во надеж дека ќе даде симболична порака на солидарност помеѓу моќните групи на земјите на ЕУ и оние периферните со ниски приходи, се обиде да изгради систем во кој земјите истовремено ќе добијат вакцини и ќе почнат да ги администрираат на својата популација. Работите се закомпликуваа кога непрактичната бирократија на ЕУ, надевајќи се дека уште многу комерцијални вакцини ќе дојдат на пазарот и дека нема да има глобални проблеми со снабдување, задоцни во донесувањето заеднички одлуки и занимавањето со меѓународните фармацевтски компании.

Американската Влада, која речиси целото производство на вакцината на „Модерна“ го намени на својата популација, исто така во јули минатата година постигна договор со компанијата „Фајзер“/„Бајонтех“ за 600 милиони дози вакцини од тој произведувач. Владите на ЕУ, кои предвидуваа дека нема да има проблеми во производството на вакцини, чекаа до ноември минатата година да нарачаат 300 милиони дози. Меѓутоа, кога дојде до потешкотии во ланецот на снабдување во производствените погони во Белгија - каде што исто така се произведуваат вакцини на „АстраЗенека“ и „Фајзер“ - имаше сериозни кршења во програмата за вакцинирање, политичкиот притисок порасна, а на регионалниот план на солидарност на ЕУ му дојде крај. Германија, земја во која е развиена вакцината на „Фајзер“/„Бајонтех“, но и државите како Франција, Данска и Унгарија, кои се соочија со предизвиците при добивање доволни количества, презедоа иницијативи за купување вакцини. Процесот кој е продолжен со ескалација на тензиите меѓу партнерите од ЕУ и употребата на остра политичка реторика како преминување од „дипломатија за вакцини“ на „силеџиство“, започнат е по намалувањето на испораките на вакцините на „Фајзер“ и „АстраЗенека“ и на проблемите со снабдување во нивните белгиски погони.

Иако „АстраЗенека“, најголемиот добавувач на вакцини на Велика Британија, соопшти дека британската Влада која три месеци претходно склучи договор за откуп, приоритет на испорака, челниците на ЕУ сакаа компанијата да ги елиминира бариерите, така што ќе го насочи производството во своите погони од Велика Британија во Европа. Британската Влада, на која периодот по Брегзит ѝ ја крена самодовербата, не допушти таква промена, наведувајќи дека нејзините граѓани имаат приоритет кога е во прашање пристапот до вакцини. Европската комисија, која се закани со извозни ограничувања за сите вакцини произведени во Европа, се обиде да ја наговори британската Влада да се откаже од деловите од квотата на „АстраЗенека“ во замена за вакцините на „Фајзер“/„Бајонтех“, произведени во Белгија. Дури и ако се вратиме чекор назад од оваа закана која предизвикува напнатост во односите на ЕУ и Велика Британија, спроведувањето „дипломатија за вакцини“ со меѓусебните закани и вулгарните тактики на протекционизмот, наместо префинети методи, може потенцијално да ја отвори Пандорината кутија и да предизвика глобална ескалација на „војните за вакцини“.

- Глобалните неправди се продлабочуваат -

Од друга страна, силите во подем, како што се Кина, Русија и Индија, кои имплементираа различни облици на државен капитализам, исто така ја гледаат агендата на глобалните „војни за вакцини“ како важна можност да го зголемат своето политичко и дипломатско влијание во меѓународниот систем. Додека главните играчи на овие војни во западниот свет беа мултинационалните фармацевтски компании и јавните актери кои се обидуваа да изнајдат начин да се носат со нив, политичките водства играа поактивна улога на водачи на страната на силите во подем. Во тој контекст, именувањето на вакцината „Спутник“, која ја најави рускиот претседател Владимир Путин во многу ран период и пред да бидат завршени основните клинички испитувања и практиката на лиценцирање, откри дека ова се третираше како прашање на национална чест, токму како вселенските војни. Иако вакцината „Спутник ве“ е произведена со прескокнување на стандардните клинички постапки во глобалната индустрија и со забрзување на испитувањата на луѓето, во најновите академски студии утврдено е дека нејзината ефикасност е висока. Во тој контекст, Путин кој покажа моќ над вакцините, како и владите на земјите како Иран и Аргентина, кои тесно се поврзани со Москва и допуштија администрирање на вакцината пред да се докаже нејзината ефикасност, доживеаја олеснување. Аргентина, која учествуваше во клиничките испитувања на вакцината на „Фајзер“/„Бајонтех“, даде предност на вакцината „Спутник ве“ и успешно се фати во костец со пандемијата, што Русија го доживеа како успех на својата јавна дипломатија. Од друга страна, многу влади, кои имаат блиски политички и економски односи со Кина и привлекоа значајни странски вложувања на капиталот во рамките на иницијативата „Појас и пат", ги претпочитаа кинеските вакцини на „Синофарм“ и „Синовак“.

Многу држави од Јужна Азија се одлучија за соработка со Индија, која се истакна како важен играч во „вакцинските војни“. Индија, која во многу подрачја се обидува да се натпреварува политички и економски, се истакнува како важен играч кој произведува речиси половина од вакцините во светот со својата сериозна инфраструктура во биомедицинската индустрија во пандемското опкружување. Индија стекна значајна предност, од една страна со производство на „АстраЗенека“, а од друга, снабдувајќи го глобалниот пазар со вакцината на „Коваксин“, која ја разви со забрзани постапки токму како руската „Спутник ве“. Освен тоа, јавната дипломатија на администрацијата на Моди, донирајќи милиони дози „Коваксин“ на соседните земји, како Бангладеш, Мјанмар, Непал и Бутан, беше важна во зголемувањето на регионалната геополитичка ефикасност и стекнувањето меѓународна репутација. Индиската Влада на „војната на вакцините“ гледаше како на можност да ја зајакне меѓународната репутација против Кина, со која односите се напнати веќе подолго време.

Глобалните „вакцински војни“ веќе почнаа да создаваат јаз помеѓу земјите кои произведуваат вакцини и земјите кои не ги произведуваат; земјите кои имаат можност за купување вакцини за целата своја популација и земјите кои тоа го немаат; земјите кои можат да влијаат на мултинационалните компании и оние кои не можат; земјите кои благодарение на своите геополитички врски можат и земјите кои не можат да дојдат до залихи на вакцини. Насочувањето на производниот потенцијал на глобалниот пазар на вакцини кон земјите од северната хемисфера, со оглед на брановите на неопротекционизмот, стои пред нас како фактор на ризик кој може да ги продлабочи глобалните неправди и нееднаквост и да ја зголеми човечката и економската штета со продолжувањето на пандемијата.

(Оваа статија изворно е објавена на турски јазик со наслов: „Aşı savaşlarında son perde: Küresel ve yükselen güç stratejileri“. На англиски јазик ја преведе Ајшенур Албајрак.)

*Мислењата изразени во овој текст му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın