Анализа на вести

Европа мора да се соочи со „досието ДЕАШ“

„Главната грижа на европските земји е дека ако тие лица се вратат во своите земји, поради дупките во правниот процес ќе бидат ослободени или пак, за кратко време ќе излезат од затвор...“

Doç. Dr. Serhat Erkmen   | 12.11.2019
Европа мора да се соочи со „досието ДЕАШ“

ИСТАНБУЛ (АА) – СЕРХАТ ЕРКМЕН -

Операцијата што Турција ја започна во североисточниот дел на Сирија против терористичката организација ПКК/ЈПГ во регионот предизвика да се активираат голем број сили и ја промени тековната ситуација. Секако, една од промените е крајот на проектот за градење „држава“ во регионот предводена од ПЈД. Но, влијанието на операцијата „Извор на мирот“ не е ограничено само на тоа. Другите важни случувања се повлекувањето на Соединетите Американски Држави (САД) од регионот, напредокот на единиците поврзани со Русија и Дамаск, намалувањето на присуството во регионот на некои европски земји и фактот дека Иран ќе мора да ги преиспита своите потези во регионот. Но, сè додека трае овој брз процес, постои еден критичен момент за кој не се дискутираше многу или се зборуваше само одвреме-навреме. Што ќе се случи со милитантите на ДЕАШ и нивните семејства кои се наоѓаат во регионите под контрола на ПКК/ЈПГ?

Да потсетиме дека со поддршка на САД, ПКК/ЈПГ ги зазеде регионите контролирани од ДЕАШ и оствари придобивки во овој процес. Најважната придобивка беше тоа што се претстави како неопходен актер во борбата против ДЕАШ. Така, кога се споменуваше ЈПГ, многу луѓе на Западот размислуваа за организација што е сојузник на Западот против заканата од ДЕАШ. Тркалата на пропагандната машина се вртеа професионално и систематски, и секогаш кога ЈПГ ќе заглави проработуваше идејата „аман, да не бидат ослободени заробените припадници на ДЕАШ“. И тоа предизвика позитивно опкружување за нив. Инаку, од информациите што се добиваат од набљудувачите во регионот се гледа дека ЈПГ кога ќе ѝ одговара му дозволува на ДЕАШ од Рака да излегува со конвои или пак, дозволува ДЕАШ да стигне до границите со Турција од областите што ги контролира и му овозможува по нелегални патишта да влезе во Турција. Следуваше друга политика од таа што всушност ја декларираше. Но, како и да е, прашањето за припадниците на ДЕАШ во Сирија во моментот е на сосема друга точка. 

По неодамнешните изјави на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека Европа не сака да ги прифати назад своите граѓани од Сирија од редовите на ДЕАШ и дека бега од одговорноста, последните случувања покажуваат дека ова прашање повторно ќе дојде на дневен ред. Всушност, прашањето за припадниците на ДЕАШ кои останале во Сирија не е толку комплицирано. Во време кога организацијата се зголемуваше, десетици илјади луѓе од голем дел на светот се приклучија кон организацијата. Иако некои тврдат дека бројот во опсег е од 3.500 до 4.000, различни студии покажуваат дека од Европа се приклучиле околу 5.000 лица. Значителен број од тие луѓе или загинаа или пак, се вратија во своите земји. Според извештаите подготвени во последно време, бројот на луѓе кои носат европски пасош и кои сè уште се наоѓаат во Сирија варира од 850 до 1.000. Повеќето од нив се жени и деца кои престојуваат во логорите контролирани од ЈПГ. Но, не може да се игнорира дека меѓу нив има и мажи кои се приклучија на организацијата. Еден дел од камповите се во близина на подрачјето на операцијата „Извор на мирот“ или пак, во рамките на тие граници. Но, вистинското прашање е дека ЈПГ ги користи овие кампови и присуството на ДЕАШ како адут. Едноставно, повикувајќи се на операцијата на Турција, заканувајќи се вели „не можам да ги контролирам овие кампови, правете што сакате“. Со тврдењето дека ќе бидат ослободени и ќе претставуваат закана за својата земја се обидува да ја зголеми својата важност. Впрочем, непосредно пред почетокот на операцијата се обиде да сподели неколку снимки што ќе бидат основа на таа пропаганда. Кога ќе се погледнат снимките, иако се гледа дека луѓето од затворите бегаат со помош одвнатре, се креира перцепција дека претставуваат закана. На крај може да се каже дека многу јасно е дека поголем број луѓе од ДЕАШ ги напуштиле камповите и се шират во околината. 

- До што може да доведе таа ситуација?

Прво да се потсетиме дека неодамна Турција уапси околу 200 припадници на ДЕАШ. Така Турција, уште од моментот кога дојде во регионот кој е контролиран од нивна страна во рамките на процесот за борба против тероризмот, ги спроведува потребните законски процедури врз милитантите на организацијата. Но, прашањето е исклучително комплицирано. На турските граѓани што се приклучиле во ДЕАШ им се суди според турскиот систем. Сепак, пристапот на странските држави кон ова прашање е контрадикторен. Кај централноазиските туркиски републики и Русија има тенденции за примање на нивните граѓани, но огромно мнозинство од европските земји се држат далеку од тоа. Балканските земји, од каде што мал број се вклучија во ДЕАШ, ги земаат своите граѓани од тие кампови, и започнаа со процесите за судење. Другиот дел на Европа поинаку пристапува кон ова прашање. Земјите како што се Велика Британија, Франција, Германија, Холандија и Белгија за овие лица мислат дека треба да умрат во Сирија или засекогаш да бидат затворени во Ирак. 

Главната грижа на европските земји е дека ако тие лица се вратат во своите земји, поради дупките во правниот процес ќе бидат ослободени или пак, за кратко време ќе излезат од затвор. Тие мислат дека ваквата состојба ќе предизвика пораст на терористичките напади во Европа, кои се намалени во последните две години. Сепак, повеќето припадници на ДЕАШ што се наоѓаат во камповите во Сирија се жени и деца, со други зборови, за кратко време не постои терористичка закана. Но, европските земји се свесни за процесот на радикализација што ќе го предизвикаат практиките што се применуваат во Сирија. Нема потреба да се биде експерт за да се разбере дека средината што осудува илјадници луѓе дека живеат под капата на организацијата, без притоа да понуди некаква програма за рехабилитација и ги осудува да живеат во лоши услови, ќе придонесе да се зајакнат нивните организациски врски и нивниот идентитет. Затоа повеќето европски земји имаат намера да не ги прифаќаат припадниците на ДЕАШ од Сирија, ако носат втор пасош и ако на некој начин можат се спречат да влезат во нивните земји. 

Сепак, тенденциите беа познати пред овие лица да се приклучат на организацијата. Со други зборови, европските земји овозможуваат лицата кои се радикализираат во нивните земји да бидат проблем на други земји, и се ослободуваат од својата одговорност. Доколку борбата против тероризмот бара глобална соработка, тие можат да го надминат проблемот со преземање одговорност за своите граѓани и со регулирање на нивните правни процеси. Западот треба да помине долг пат на оваа тема. Во спротивно, идните генерации ќе видат дека е погрешно размислувањето дека овој проблем ќе се стопи во пустините на Ирак и Сирија. 

[Доц. д-р Серхат Еркмен е член на Меѓународната служба за безбедност и тероризам на Академијата за жандармерија и крајбрежна стража (JSGA) во Турција]


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.