Анализа на вести

Дали ОВК која ја имаше поддршката на Западот, се става на правливите полици на историјата?

- Обвинувањата со кои од неодамна се соочуваат поранешните членови на ОВК предизвикаа коментари дека борбата на борците за независност е „крената“ на правливите полици на историјата, повторно во согласност со Западот

Dzihat Aliju   | 30.07.2020
Дали ОВК која ја имаше поддршката на Западот, се става на правливите полици на историјата?

СКОПЈЕ

- ЏИХАД АЛИУ

Ослободителната војска на Косово (ОВК) беше формирана како движење на отпорот на Албанците за време на борбата за независност на Косово против српскиот прогон и политиките на Слободан Милошевиќ во доцните ’90-ти, а потоа беше поддржана и од Западот. Обвинувањата со кои од неодамна се соочуваат поранешните членови на ОВК предизвикаа коментари дека борбата на борците за независност е „крената“ на правливите полици на историјата, повторно во согласност со Западот, а нивните елементи една по една се укинуваат.

Имињата кои влегоа во највисоките редови на најмладата земја во Европа во изминатите 10 години и беа водачи на ОВК за време на борбата за независност, и понатаму се цел на Специјалното обвинителство во Хаг за Косово.

Јавното споделување на обвинението против претседателот Хашим Тачи и поранешниот претседател на Парламентот, Кадри Весели, дека извршиле воени злосторства против цивили во војната 1998-1999 година, покажува дека Специјалниот суд за воени злосторства во Косово и Обвинителството нема да се откажат од таа задача.

Експертите на оваа тема велат дека има двоен стандард затоа што српските воени службеници кои убиле илјадници цивили на Косово, сѐ уште не биле казнети за какво било кривично дело. Експертите исто така посочуваат дека обвиненијата, кои неодамна беа споделени со јавноста, судот сѐ уште не ги прифатил и дека Србија тоа го користи како политички потег во дијалогот со Косово.


- Поранешниот премиер Рамуш Харадинај е првата „жртва“ на Обвинителството

Специјалниот суд за Косово и Специјалното обвинителство всушност се основани во 2011 година, а во Парламентот на Косово се усвоени во 2015 година. Основани се да ги испитаат и гонат воените злосторства, извршени во регионот 1998 - 2000 година. Ова судско тело го сочинуваат меѓународни судии и обвинители. И покрај тоа што Канцеларијата на Специјалното обвинителство во Хаг, Холандија, покани десетици други членови на ОВК од почетокот на 2019 година да дадат искази, Обвинителството за првпат во јули минатата година стави белег на косовската политика.

Рамуш Харадинај, кој беше поранешен командант на ОВК во тоа време, од Специјалното обвинителство за Косово во Хаг во Холандија беше повикан како „осомничен“. Затоа Харадинај подоцна ја напушти функцијата премиер. На тој начин, оваа млада земја, уморна од предвремените избори, повторно мораше да оди на избори.

Харадинај, во изјава за медиумите, откако даде исказ во Обвинителството, рече дека по совет на неговите адвокати, нема да одговора на прашањата поставени до него и дека го користи своето право да молчи во овој процес.

- „Воено злосторство“ - пречка за процесот на дијалогот Косово - Србија

Обвинителството, кое повремено се повикуваше на поранешните членови на ОВК, овој пат повторно излезе пред јавноста пред состанокот за дијалог меѓу Косово и Србија закажан во Вашингтон на 27 јуни. Обвинителството на 24 јуни со јавноста сподели дека подготвило обвинение против косовскиот претседател Хашим Тачи и поранешниот претседател на Парламентот, Кадри Весели, со образложение дека извршиле злосторства против човештвото и воени злосторства во војната во Косово (1998-1999). По ова, Тачи, кој тргна во Вашингтон на дијалог, се врати во својата земја изјавувајќи дека нема да присуствува на состанокот.

Во обвинението беше забележано дека Тачи и Весели и други споменати се одговорни за смртта на околу 100 лица, за воени злосторства, како што се убиство, егзил и тортура. Идентитетот на другите лица споменати во обвинението не беше споделен со јавноста. На тој начин, од Обвинителството со седиште во Европа, САД беа спречени да посредуваат во дијалогот Приштина - Белград. Се коментираше дека ова е политички маневар.

Од друга страна, косовскиот претседател Тачи, кој отпатува за Хаг за сведочење, даде исказ кој траеше со саати четири дена. Тачи, кој се врати во својата земја по дадениот исказ, беше пречекан со тапани од илјадници луѓе собрани пред граничниот премин „Морина“ што ги поврзува Косово и Албанија.

Тачи, кој со години е изморен политички, на тој начин ја зголеми својата популарност во земјата.

Обраќајќи се на нацијата по неговото враќање во земјата, Тачи истакна дека има целосна почит кон процесот во однос на обелоденување на вистината. Не давајќи детали за својот исказ, рече дека овој процес уште еднаш и последен пат ја запечатил историската улога на ОВК.

Во истиот период, Собранието на Косово го одобри нацрт-законот „Политичко и граѓанско единство во одбрана на вредностите на народот“. Во нацрт-законот се вели: „Српската држава спроведе етничко чистење со организирано раселување на околу 1 милион луѓе, уби 12.000 цивили, вклучително и над 300 деца, изврши повеќе од 400 масакри, изврши силување на 20.000 жени и девојчиња. Исто така уништи имоти, културни, религиозни и историски споменици на граѓаните на Косово и инфраструктурата на земјата.“


- Дали е поткопана борбата на ОВК за независност?

Сиве овие случувања се случуваат во Приштина, главниот град на Косово. Една маргинална група беше против изградбата на Централната џамија во Приштина од страна на турската Фондација „Дијанет“.

Вклучувањето на припадниците на ОВК во овој настан на дневен ред го доведе прашањето дали од некого се поткопува борбата на ОВК за независност.

Учеството во протестот беше многу мало, но забележително беше дека повикот го направи поранешниот војник на ОВК, Бинак Гаши. Со оглед на фактот дека многу турски институции и организации, особено Турската хуманитарна фондација за човекови права и слободи (ИХХ), секојпат им помагале на семејствата кои ги изгубиле своите блиски во војната, доаѓањето на повикот од еден стар борец доведе до реакции.


- „Последната жртва“ на Обвинителството е од Северна Македонија

Минатата недела Специјалното обвинителство за Косово во Хаг го повика Али Ахмети (од поранешната ОВК), претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), да даде исказ како сведок.

Во изјавата на неговиот профил на социјалните медиуми, Али Ахмети во врска со оваа тема рече дека има конструктивна и кооперативна комуникација со властите во Хаг, без да извести кога ќе сведочи. Ахмети беше основач и командант на ОВК и беше активен во конфликтот во Македонија што се случи во 2001 година.

„Отсекогаш сум бил поддржувач на неселективната правда. Подготвен сум да излезам пред суд за да ја докажам чистотата на војната за ослободување на албанскиот народ пред геноцидот на режимот на Србинот Милошевиќ“, рече Ахмети.

Ахмети во изјавата не се изјасни за кој обвинителен акт ќе сведочи. Забележително е тоа дека Али Ахмети е повикан непосредно пред предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 15 јули и во време кога владата сѐ уште не е основана.

Специјалните судови за Косово имаат шест месеци да одлучат за обвиненијата, особено за обвиненијата за Тачи и Весели. Во овој контекст, може да се каже дека политиката во земјите од Западен Балкан, насочена кон Европската Унија (ЕУ) и НАТО, ќе биде оформена до крајот на годината, во светло на одлуките што ќе бидат донесени во овој контекст.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın