Анализа на вести

АНАЛИЗА - Што треба сега Западот да направи на Балканот?

Ако некогаш било време за забрзано проширување на НАТО на територијата на Балканот, сега е времето

Hamza Karcic   | 08.04.2022
АНАЛИЗА - Што треба сега Западот да направи на Балканот?

Пишува: Проф. д-р Хамза Карчиќ

[Авторот е вонреден професор на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево]

ИСТАНБУЛ (АА) - Руската инвазија врз Украина на 24 февруари одекна низ Балканот, а Бошњаците се присетија на сличната инвазија од нивниот источен сосед пред речиси 30 години. Високите бошњачки функционери брзо ја осудија инвазијата и изразија поддршка за територијалниот интегритет на Украина. Имаше и сѐ уште има широкораспространети симпатии кон Украинците во Сараево и пошироко.

Сепак, поддршката за опколените Украинци не беше изразена низ целата земја. Она што го разоткри војната во Украина се проруските актери во Босна и Херцеговина. Водачот на босанските Срби, Милорад Додик, кој изгради значајни политички односи со Русија со текот на годините, одби да ја осуди инвазијата. Неговите последователни и половични обиди да искаже поддршка истовремено за Русија и Украина, јасно покажаа кого поддржува.

- Проруски актери -

Додека ставот на Додик беше очекуван, ставовите на друг политичар за Украина, привлекоа големо внимание. Водачот на босанските Хрвати и претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Драган Човиќ, беше исто така разоткриен како проруски актер. Неколку босански новинари и аналитичари со години пишуваа за проруската политика на Човиќ, но сѐ досега овој став не беше поткрепен. Одбивајќи да ја осуди инвазијата, Човиќ ги покажа своите вистински бои.

Откако беше критикуван, тој се обиде да го покрие своето првично одбивање со разни изјави за медиумите. Дополнително, партијата на Човиќ не го поддржа потегот на Парламентот на Босна и Херцеговина, земјата да се приклучи на ЕУ во воведувањето санкции кон Русија пораи нејзината војна во Украина. Ова, всушност, значи дека и Додик и Човиќ - политичари со право на вето во Босна и Херцеговина - го поддржуваат ставот на Русија.

Ова покажува дека само Бошњаците и граѓанските партии со седиште во Федерацијата Босна и Херцеговина останаа цврсти прозападни актери во земјата. Во деновите од 24 февруари, токму сега кога војната на Русија ослабнува, Додик и Човиќ се во дефанзива. Има значителен пад во нивната реторика поради тоа што руската инвазија во Украина не се одвива според планираното.

- НАТО во моментот -

Западот треба да забележи и треба да бидат преземени посебни чекори. Предводен од САД, Западот треба да се придвижи кон интегрирање на Балканот во атлантската Алијанса. Администрацијата на Бајден сега е во позиција да се заложи за пристапување на Босна и Херцеговина и Косово кон НАТО. Стравувањата од ескалација на тензиите на Балканот беа ублажени со одбранбениот став на антиНАТО-политичарите, вклучително и Додик. Ако некогаш било време за забрзано проширување на НАТО на територијата на Балканот, сега е тоа време. Со интегрирање на Босна и Херцеговина и Косово, администрацијата на Бајден би постигнала значајна пресвртница во заштита на безбедноста на овој дел од Југоисточна Европа.

Понатаму, САД треба да извршат притисок на ЕУ за Босна и Херцеговина и Косово да се приближат кон полноправно членство. Босна и Херцеговина го поднесе своето барање за влез во ЕУ во 2016 година и сѐ уште го чека својот кандидатски статус. Европските земји, предводени од новата германска Влада, сега треба да се заложат за доделување кандидатски статус. Ова ќе ѝ обезбеди на Босна и Херцеговина пристап до фондовите на ЕУ и ќе го оживее замрениот процес на европската интеграција на оваа земја.

Слично на тоа, ЕУ треба да ја промени својата политика и да ја отвори вратата на Косово. Посветеноста на земјата кон Западот е докажана повеќепати и Косово останува цврст американски сојузник во регионот. Косово ги пречека авганистанските бегалци во изминатите години и без двоумење искажа поддршка кон Украина. Земјата останува посветена на влезот и во НАТО и во ЕУ.

- Наследството на Бајден -

Американскиот претседател Џо Бајден сега е во својата втора година на функцијата, а во ноември ќе се одржат изборите на средината на претседателскиот мандат. Додека неговата администрација добро реагираше на инвазијата на Украина, Бајден сѐ уште треба да го консолидира своето надворешнополитичко наследство.

Пред речиси три децении, Бајден беше сенатор кој се залагаше за силен американски одговор во војните во Босна и Херцеговина и Косово. Како претседател, Бајден е во позиција да продолжи со интеграција на Косово и Босна и Херцеговина во НАТО. Само под чадорот на безбедноста на НАТО, овие две земји ќе бидат безбедни. Брзото пристапување во НАТО на Босна и Херцеговина и на Косово, исто така би постигнало голем надворешнополитички успех што ќе се усогласи со посветеноста на претседателот Бајден на Балканот во 1990-тите години.

* Мислењата изнесени во овој текст припаѓаат исклучиво на авторот и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА)


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın