Анализа на вести

АНАЛИЗА - Турција, растечка сила во одбраната на Африка

Речиси половина од африканските земји потпишаа договори за соработка во одбранбената индустрија со Турција, а досега 14 земја увезоа различни видови оружје и воени возила

Assoc. Prof. Mürsel Bayram   | 29.05.2022
АНАЛИЗА - Турција, растечка сила во одбраната на Африка

Пишува: Мурсел Бајрам

- Авторот е вонреден професор на ССУА Институтот за Регионални студии

ИСТАНБУЛ (АА) - Обемот на инвестициите на Турција на африканскиот континент постепено се проширува. Откако успеа да биде меѓу главните развојни партнери на африканските земји со обем на трговија од 30 милијарди долари и инвестициски проекти вредни 78 милијарди долари до крајот на 2021 година, Турција почна да се истакнува како безбедносен партнер на африканските земји во областа на одбранбената индустрија.

Додека производи од одбранбената индустрија во вредност од приближно 83 милиони долари беа извезени од Турција во Африка во 2020 година, оваа бројка надмина 288 милиони долари за краток период од една година. Речиси половина од африканските држави потпишаа договори за соработка во одбранбената индустрија со Турција, а досега 14 држави (Буркина Фасо, Алжир, Чад, Мароко, Гана, Кенија, Мали, Мавританија, Нигер, Нигерија, Сенегал, Сомалија, Руанда, и Уганда) увезле различен вид оружје и воени возила од Турција.

Учеството на министри од различни африкански земји на 15-от Меѓународен саем за одбранбена индустрија, одржан во Истанбул во 2021 година, покажува дека има зголемена побарувачка од африканските земји за производи од турската одбранбена индустрија. На саемот беа присутни и „Africa Defense Group“ и „Atlantis Group“ од Јужна Африка, додека од друга страна, турските компании продолжуваат со напорите за промоција со учество на саемите за одбранбената индустрија во Африка.

- Воените трошоци во Африка се зголемуваат -

Заживувањето на односите во областа на одбраната меѓу Турција и Африка е поврзано со интензивирањето на конфликтите кои го загрозуваат суверенитетот и безбедноста на африканските земји во последните 20 години.

Регионалното геополитичко ривалство помеѓу Алжир и Мароко за прашањето на Западна Сахара, внатрешниот конфликт околу прашањето за Тиграј во Етиопија и тензичните односи со Египет околу изградбата на браната на реката Нил, тековната закана од Ал Шабаб во Кенија и Сомалија, зголемените напади од групите поврзани со Ал-Каеда низ регионот Сахел, особено во Мали, тековните последици од граѓанската војна во Централноафриканската Република, амбазонскиот сепаратизам што се обидува насилно да навлезе во Камерун, терористичката организација Боко Харам, која спроведува крвави дејствија во Нигерија, бомбашките напади во Уганда во изминатите месеци и заканата ДЕАШ да стигне до Мозамбик се некои од конфликтите кои во скоро време ја загрозија безбедноста во Африка.

Интензивирањето на конфликтите го потхранува и трендот на милитаризација, кој беше регистриран по неколкуте пуча во Судан, Мали, Гвинеја и Буркина Фасо, а исто така доведува до тоа континенталните држави да одвојат повеќе буџет за трошоците за одбрана.

Бидејќи вкупните трошоци за одбрана на африканските земји беа околу 19 милијарди во 2000 година, тие се зголемија на над 45 милијарди долари во 2014 година. Релативниот надолен тренд забележан од 2014 година беше заменет со нагорен тренд повторно по 2018 година. Вкупните трошоци за одбрана во 2021 година достигнаа околу 60 милијарди долари. Стапката на зголемување на воените трошоци достигнува многу повисоки нивоа во конфликтните зони.

На пример, помеѓу 2016 и 2020 година, увозот на оружје во Буркина Фасо се зголеми за 83 проценти, а количините на оружје испорачано во Мали се зголеми за 669 проценти. Во тој контекст, може да се каже дека постои корелација помеѓу зголемените одбранбени барања на африканските земји и нивниот интерес за производи од турската одбранбена индустрија.

- Други актери на африканскиот континент -

Главните добавувачи на оружје на африканските земји се Русија, Кина, Франција и САД. Имено, военото влијание на Русија се зголемува низ целиот континент. Имајќи предвид дека извозот на турската одбранбена индустрија во Африка изнесува 288 милиони долари, а вкупните трошоци за одбрана на африканските земји достигнаа 60 милијарди долари во 2021 година, се гледа дека уделот на Турција на овој пазар сè уште е на ниво од 0,5 проценти.

Сепак, познато е дека многу африкански земји покажаа волја да ги диверзифицираат своите безбедносни партнери и добавувачи на оружје. Поради оваа причина, покрај главните горенаведени добавувачи на африканскиот пазар на оружје, се издвојуваат широк спектар на добавувачи како што се Германија, Велика Британија, Италија, Израел, Украина, Србија, Литванија, Иран и Северна Кореја.

- Важноста на трансферот на технологија -

Со капацитетот да произведува атрактивно оружје во однос на исплатливост и однос цена - перформанси, како што е вооруженото беспилотно летало Бајрактар TБ2, Турција исто така се претвора во алтернативен снабдувач за африканските земји. Грижејќи се за чувствителноста на африканските земји во однос на суверенитетот и територијалниот интегритет, Турција може да го промени балансот на силите на легитимните влади во зоните на конфликти со својата сеопфатна поддршка и високотехнолошки производи од одбранбената индустрија. Овој успех, неодамна доживеан во Либија и Етиопија, ја прави одбранбената соработка со Турција привлечна за африканските држави.

Главниот фактор кој може да ги зајакне одбранбените инвестиции на Турција во Африка е трансферот на технологија и градењето на воени капацитети. Тешко е да се зборува за значаен трансфер на технологија освен за инсталација на веќе извезени системи. Оваа ситуација не е применлива за Турција. Секоја земја ги чува информациите за технологијата на оружјето што го произведува како државна тајна. Затоа, областа каде државите се најмалку подготвени да споделуваат информации и технологија е одбранбената индустрија. Дополнително, недостатокот на развиена индустриска инфраструктура околу Африка претставува сериозна пречка за трансфер на технологија.

- Примерот на Северна Кореја -

Вреди да се спомене примерот на Северна Кореја, бидејќи го покажува значењето што африканските држави го придаваат на трансферот на технологија и градењето на воените капацитети. И покрај санкциите на Обединетите нации во изминатите години, огромното мнозинство од земјите за кои е објавено дека воспоставиле воени врски со Северна Кореја се од африканскиот континент. Известено е дека Еритреја, Либија, Намибија, Сиера Леоне, Судан и Танзанија увезувале различна воена опрема од Северна Кореја, а Мозамбик и Уганда направиле трансфер на воена опрема за тестирање и обратно инженерство и добиле обука и консултантски услуги за производство, одржување и употреба на оваа опрема.

Споменатата воено-производна соработка во голема мера објаснува зошто африканските држави инсистираат на соработка со таква земја и покрај санкциите. Повеќето неконтинентални актери продаваат оружје и обезбедуваат различни форми на воена поддршка на африканските држави со цел да стекнат дипломатско и економско влијание или да создадат „зависни клиенти“ за себе.

Северна Кореја, од друга страна, претпочиташе да основа фабрики за оружје во Етиопија, Мадагаскар, Намибија, Нигерија и Уганда наместо таков стандарден воен однос. Иако ваквите инвестиции на Пјонгјанг во одбранбената индустрија на африканските земји обезбедуваат добивки на краток рок, тие значат загуби на долг рок.

Скромниот придонес на Северна Кореја во изградбата на одбранбените капацитети на африканските држави ги турка државите од контнентот да направат стратешки избор помеѓу долгорочните придобивки од одржувањето на соработката со Пјонгјанг и краткорочните трошоци за кршење на меѓународните санкции. Дури и ако споменатиот придонес не одговара на модерното градење на воените капацитети, африканските држави може да го сметаат за важен бидејќи логично се разликува од оној на другите актери.

- АСЕЛСАН Јужна Африка, важен чекор -

Секако, Турција и Северна Кореја се неспоредливо различни земји во однос на политичката и економската структура. Турција не е ниту земја која се обидува да се изолира од светот со меѓународни санкции, ниту земја која го одржува менталитетот на Студената војна во однос на оружјето и технологијата на оружје.

Во контекст на Африка, од примерот на Северна Кореја може да се извлече заклучок дека дури и ако една маргинална земја може да стане претпочитан партнер во изградба на воените капацитети, Турција може да го постигне тоа многу полесно. Со тоа што е економски интегрирана во светот и може да произведе високотехнолошки одбранбени системи, особено во борбата против тероризмот, Турција ќе се истакне како поинаков актер и ќе создаде посилен профил на воено партнерство од кога било досега ако преземе чекори за изградба на одбранбените капацитети на африканските земји.

АСЕЛСАН Јужна Африка (ASELSAN South Africa (ASA)), што е основан во Јужна Африка во 2011 година, е важен чекор во оваа смисла. „АСА“ работи во полето на електро-оптички и опто-механички системски инженеринг, се занимава со промоција и маркетинг на производите на АСЕЛСАН во Јужна Африка и околните земји, а исто така соработува и со јужноафриканската „Paramount Advanced Technologies“, која работи во полето на одбранбената индустрија.

Зголемувањето на ваквите партнерства ќе им овозможи на инвестициите во одбраната во Африка да се претворат во долгорочна соработка на пореална основа. Секако, неопходно е да се земе предвид дека Турција не само што ќе мора да се натпреварува со големите сили како Русија и Кина, туку и со африканските ривали како што е Египет.

* Мислењата изразени во овој текст се авторски и не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА).

[1] https://kriterdergi.com/dosya-afrikada-turkiye/rekabetci-afrika-pazarinda-turk-savunma-sanayiinin-artan-varligi, Sayı 63, Aralık 2021.

[2] https://www.statista.com/statistics/1219612/defense-spending-budget-in-africa-by-country/, Erişim Tarihi: 3 Ocak 2022.

[3] https://www.sipri.org/sites/default/files/2021-06/sipri_yb21_summary_en_v2_0.pdf, s. 12.

[4] https://sipri.org/sites/default/files/2021-03/fs_2103_at_2020.pdf, s. 8.

[5] https://kriterdergi.com/dosya-afrikada-turkiye/rekabetci-afrika-pazarinda-turk-savunma-sanayiinin-artan-varligi, Kriter Dergisi, Sayı 63, Aralık 2021.

[6] Mürsel Bayram, “Kuzey Kore’nin Afrika’da Varlık Gösterme Biçimleri”, Milletlerarası Münasebetler Türk Yıllığı, Cilt 50, 2021, s. 61-90.

[7] https://www.aselsan.com.tr/tr/basin-odasi/haber-detay/afrikada-bir-turk-savunma-sirketi, 28 Ocak 2022.

[8] https://www.al-monitor.com/tr/originals/2021/12/egypt-turkey-compete-military-foothold-kenya, 18 Aralık 2021.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın