Анализа на вести

АНАЛИЗА - Резервите на литиум ќе го трансформираат Авганистан во пазарно ориентирана економија

„Доколку во Авганистан неколку години владее мир, што би овозможило развој на активностите во однос на неговите минерални ресурси, тој може да стане една од најбогатите земји во регионот во рок од една деценија“

Syed Iftikhar   | 17.12.2021
АНАЛИЗА - Резервите на литиум ќе го трансформираат Авганистан во пазарно ориентирана економија

АНКАРА (АА) - Обврските кои ги презедоа земјите на неодамна завршената Конференција на Обединетите нации (ОН) за климатски промени, или КОП26, во голема мера зависат од враќањето на мирот и стабилноста во Авганистан, бидејќи огромните резерви на литиум во земјата ветуваат дека можат да ги задоволат глобалните неконвенционални потреби за енергија.

Аналитичарите веруваат дека фокусот ќе се префрли назад во Авганистан за да се искористат огромните резерви на литиум во земјата, кои се користат во батериите за полнење на мобилните телефони, лаптопи и електрични и хибридни возила.

Се верува дека Аргентина, Боливија и Чиле, колективно познати како земји на литиумскиот триаголник (LTCs), имаат најголеми резерви на литиум во светот.

Но, бидејќи транспортот од Јужна Америка е неекономичен за енергетски „гладните“ азиски земји, тие сега ги полагаат своите надежи во враќањето на редот во Авганистан за да го искористат литиумот од соседството.

Неодамна, британскиот весник „Фајненшл тајмс“ (Financial Times) објави дека резервите на литиум во Авганистан би можеле да се конкурентни на оние на литиумскиот триаголник.

Според Елиф Нуроглу, која раководи со Одделот за економија при Турско-германскиот универзитет (TAU), литиумот, како и нафтата, брзо станува стратешки производ.

„Слично на нафтата, литиумот со сигурност може да се адаптира и да се користи за оружје, бидејќи ќе се користи на многу полиња во иднина, од производство на автомобили до автономни роботи и машини“, рече таа.

Британскиот весник, исто така, откри дека група претставници на кинеската рударска индустрија неодамна го посетиле Авганистан за проверка на местото и за обезбедување на правата за експлоатација, иако Авганистан се соочува со акутна финансиска и хуманитарна криза.

Кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“ (Global Times) спомена дека несигурноста во однос на политиките, безбедноста, економијата и лошата инфраструктура во Авганистан претставуваат потешкотии за рударската индустрија.

- Гаранција за безбедноста -

Аналитичарите велат дека секое ископување и производство би било условено со осигурување безбедносни гаранции од страна на талибанците за кинеските инвестиции.

„Талибанците треба да размислат за осигурување на безбедносен персонал за кинеските проекти, слично на она што Пакистан го направи за проектите за Економскиот коридор Кина-Пакистан“, вели Клаудија Чиа, аналитичарка при Институтот за јужноазиски студии на Националниот универзитет во Сингапур.

Кинеските компании веќе беа вклучени во неколку големи проекти во Авганистан, меѓу кои е и проектот за рудникот за бакар „Ајнак“, кој е втор по големина рудник за бакар во светот. Но, поради нестабилноста на земјата и континуираните судири, екстракцијата на руда напредуваше бавно и на крајот запре.

Во извештајот на американскиот специјален генерален инспектор за обнова на Авганистан (SIGAR) се открива неконтролирано нелегално ископување низ Авганистан, со над 2.000 такви локации, кои собираат пари за воените лидери и бунтовниците во последните две децении, и покрај присуството на американските и сојузничките трупи. Извештајот откри дека илегалното ископување ја чинело државата до 300 милиони долари годишно од 2001 до 2021 година, до преземањето на Кабул од страна на талибанците.

Во истражувањето спроведено во 2010 година, геолозите и истражувачите кои работат за Американската армија ја процениле вредноста на ресурсите на литиум во Авганистан, распространети во Газни, Херат и Нимроз, на неверојатни 3 билиони долари.

„Блумберг њу енерџи финанс“ (Bloomberg New Energy Finance BNEF) - обезбедувач на стратешки истражувања што ги покрива глобалните стоки - наведува дека контролирањето на неискористените резерви на литиум и ретките земни ресурси во Авганистан ќе му дадат предност на Пекинг во неговата конкуренција со САД и Европа за ресурси. Во 2019 година, САД увезоа 80 отсто од своите ретки земни ресурси од Кина, додека ЕУ доби 98 отсто.

„Доколку во Авганистан неколку години владее мир, што би овозможило развој на активностите во однос на неговите минерални ресурси, тој може да стане една од најбогатите земји во регионот во рок од една деценија“, рече Саид Мирзад од Геолошкиот институт на САД за магазинот „Сајенс“ (Science) во 2010 година, кој до 1979 година беше шеф на авганистанскиот Геолошки институт.

- Откритие на советски експерти -

Ресурсите на литиум во Авганистан првпат беа откриени од советски експерти за рударство во 1980-тите. Но, тие ја чуваа строго тајната до 2004 година, кога тим американски геолози наидоа на интригантна серија стари мапи и податоци во библиотеката на авганистанскиот Геолошки институт во Кабул.

Геолошкиот институт на САД (USGS), кој ги има старите руски мапи, започна со серија истражувања од воздух на изворите на минерали во Авганистан, користејќи напредна гравитациско-магнетна опрема за мерење прикачена на авионот за набљудување „П-3 Орион“. Во 2007 година, тој користеше британски бомбардер опремен со инструменти кои нудеа тродимензионален профил на наоѓалишта на минерали под површината на земјата.

Во 2009 година, кога работната група на Пентагон која создаде програми за развој на бизнисот во Ирак, беше префрлена во Авганистан, донесе експерти за рударство за да ги потврдат наодите од истражувањето, а потоа ги информира авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс.

Резервите на Авганистан со литиум и кобалт се клучни не само за Кина, туку и за друга голема економија, Индија.

Индија во минатото потроши 3 милијарди долари за помош во Авганистан, за да стекне доверба. Но беше во судир со талибанците, кои се бореа против присуството на странски војници.

Сега се чини дека Њу Делхи одлучил да го прифати преземањето на Кабул од страна на талибанците. Во последно време ги проширува врските со новите владетели преку испраќање хуманитарна помош.

Индија има за цел околу 450 гигавати (GW) инсталиран капацитет за обновлива енергија до 2030 година. На КОП26, премиерот Нарендра Моди објави дека Индија ќе достигне јаглеродна неутралност до 2070 година, што значи дека произведените емисии на стакленички гасови ќе бидат избалансирани со оние што се апсорбираат.

- Интересот на Индија -

Индија, исто така, се стреми да стане втор по големина производител на мобилни телефони во светот. Според Националната политика за електроника, претставена во 2019 година, земјата планира да произведе една милијарда мобилни телефони, вклучувајќи 600 милиони единици за извоз. Сиве овие цели, сепак, се поврзани со достапноста на литиум. Индија моментално го добива од Аргентина, Боливија и Чиле.

Набљудувачите веруваат дека индиската мобилна и неконвенционална индустрија ќе добие голем поттик со дипломатскиот пристап до талибанците и нормализацијата на односите со Пакистан за да се бара лесен пристап до богатите минерални ресурси на Авганистан.

Според весникот на Геолошкиот институт на САД, покрај неговата употреба во батерии, литиумот се користи и во нуклеарната технологија. Бидејќи е отпорен на топлина, тој е легиран со алуминиум и бакар за да се зачува тежината во структурните компоненти на воздушната рамка. Се користи и во одредени психијатриски лекови и стоматолошка керамика.

Врз основа на опсежните истражувања на минералите, Геолошкиот институт на САД заклучи дека Авганистан можеби располага со 60 милиони метрички тони бакар, 2,2 милијарди тони железна руда, 1,4 милиони тони ретки земни елементи, како што се лантан, цериум, неодимиум, покрај алуминиумот, златото, среброто, цинкот и живата.

Првичното анализирање на место во покраината Газни од страна на Геолошкиот институт на САД, покажа потенцијал за извори на литиум големи како оние во Боливија, која има 21 милион тони резерви - досега, најмногу во светот.

- Сѐ зависи од независната економија -

Наоѓалиштето Ханашин во областа Рег, во авганистанската покраина Хелманд, се очекува да даде 1,1 - 1,4 милиони метрички тони ретки земни елементи.

Авганистан долго време е земја зависна од странска помош. Изгледите за ископување литиум и бакар може да ја трансформираат нестабилната економија на Авганистан и зависноста од помош во стабилна и пазарно ориентирана економија.

Сепак, без мир и стабилност, како и дефинитивни политички насоки од новата привремена администрација, искористувањето на новиот стратешки ресурс, кој има потенцијал да го трансформира Авганистан така што ќе го направи енергетски богат, ќе остане сон. Вистината е дека минералите немаат вредност сѐ додека останат под земја.

*Мислењата изразени во овој текст се исклучиво на авторот и не ја рефлектираат нужно уредувачката политика на Агенција Анадолија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın