Анализа на вести, свет, ЦРВЕНАТА ЛИНИЈА НА МУСЛИМАНИТЕ - КУДС (ЕРУСАЛИМ)

Анализа: Не се работи за мировен, туку за план за ликвидација на Палестина

Кога ќе се погледне содржината на планот, може да се забележи дека текстот се состои од наметнувањата на еврејските политичари и бирократи под управа на САД, а не од договор што ги заговара интересите на двете страни

Haydar Oruç   | 31.01.2020
Анализа: Не се работи за мировен, туку за план за ликвидација на Палестина

ИСТАНБУЛ (AA) - Хајдар Оруч

Се виде дека нема ништо ново и поинакво од претходно обелоденетиот план, што американскиот претседател Доналд Трамп го соопшти во друштво на израелскиот премиер Нетанјаху.

„Иако се тврдеше дека текстот на планот, што минатата година го објави израелскиот весник „Израел Хајом“ („Israel Hayom“), ќе биде дополнет, земајќи ги предвид приговорите на палестинската администрација, и со самото тоа ќе стане разумен предлог што би можела да го прифати и палестинската страна, испадна дека американската администрација за некои прашања изнесе план што уште повеќе е на штета на Палестинците“, истакнува во својата анализа Хајдар Оруч, експерт за студиите на Левант во Блискоисточниот истражувачки центар (ORSAM).

Иако претходно е наведено дека ова е почеток на процесот со кој би можело да се оди дури до редизајн на Блискиот Исток и беше јасно дека е толку важен да ја одреди судбината на палестинскиот народ, кој 70 години е под окупација, изоставувањето на палестинските претставници во овој процес покажа дека тој план е мртвороденче.

И покрај овој многу значаен детал, Трамп, за да ја добие поддршката на еврејското лоби пред претседателските избори во ноември 2020 година, не виде никаква пречка да го претвори ова прашање во шоу, и како и во случајот со одлуките за Ерусалим (Кудс) и Голан донесува пресуди за прашања за кои Соединетите Американски Држави немаат право.

Со Трамп, против кој се води процес за импичмент, не беше никој друг освен израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, против кој исто така се водат три корупциски процеси, а кој ниту по два пати одржаните избори во 2019 година не успеа да формира власт.

Во ова шоу главните улоги им припаѓаат на Трамп и Нетанјаху, кои минуваат низ тежок период поради корупциските истраги што се водат против нив, но оној што недостасува во овој таканаречен мировен договор се претставниците на другата страна, палестинската администрација.

САД во претходните мировни преговори играа улога на неутрален посредник, а со американските функционери тогаш се најдоа и израелските и палестинските лидери. Меѓутоа, во овој момент неутралноста на САД без сомнение исчезна, а со оглед дека моменталниот план е подготвен само со израелска перспектива, палестинските претставници немаат никаква прилика да бидат таму.

- Содржина на планот

Кога ќе се погледне содржината на планот, кој содржи 181 страница, може да се забележи дека текстот се состои од наметнувањата на еврејските политичари и бирократи под управа на САД, а не од договор што ги заговара интересите на двете страни.

Трамп рече дека овој план е последна можност за Палестинците. Без влегување во политичка рамка и говор за тоа што Палестинците добиваат со тоа, порача дека одбивањето на тој план ќе има кобни последици.

Прашањата како што е статусот на Ерусалим (Кудс), границите, правата на палестинските бегалци за враќање, еврејските доселеници, во планот се во спротивност со традиционалната политика на САД и моменталните одлуки на Обединетите нации, што е јасен показател дека овој план нема да може да се имплементира.

Во договорот на Трамп е истакнато дека Ерусалим (Кудс) ќе остане како обединет (неразделен) главен град на Израел, а ветувањето дека палестинската страна, доколку ги исполни потребните услови, на тој начин ќе може да дојде до држава, чиј главен град е Источен Ерусалим (Кудс), и дека САД тука ќе отворат Амбасада, во себе содржи контрадикции.

Се чини дека сфаќањето на Трамп за Источен Ерусалим (Источен Кудс) не е во согласност со моменталниот Источен Ерусалим под контрола на палестинската управа, во чии граници е и џамијата „Ал Акса“.

Според таканаречениот американски мировен план за Блискиот Исток, поточно неговиот текст што претходно протече во јавноста, главен град на Палестина би требало да биде Абу Дис. Во таа смисла, кога палестинската страна би ги исполнила сите услови што се бараат од неа, јасно е дека главен град на земјата на таа територија не може да биде Ерусалим, туку дека планот е тој да биде формиран во некои предградија надвор од самиот град.

- Границите и поделбите на територии

Според изјавата на Трамп, ако Палестинците го прифатат овој план, територијата на палестинската држава, која би настанала по четиригодишните преговори, ќе биде удвоена.

Кога ќе ја погледнеме картата и ќе се обидеме да сфатиме како ќе се случи тоа, се гледа дека станува збор за технолошки региони што ќе бидат имплементирани во два одделни дела на земјата во пустината Негев, а станува збор за земјоделски подрачја и населби што ќе настанат понатаму на југот.

Фактот дека плодното земјиште, како што е Јорданската Долина, ќе биде заменето со населени, земјоделски и индустриски подрачја, кои се планира да се формираат во пустина, е конкретен показател колку тој план е утописки.

Израел веќе преку министерот за одбрана потврди дека не планира да се откаже од земјата поради можен договор, додека, од друга страна, палестинската територија е планирано да се замени за неплодно земјиште без вода.

Покрај тоа, комисијата што ќе ја формираат американските и израелските функционери ќе изврши детална анализа на Западниот Брег, со што е предвидено границите повторно да се утврдат за да не го узурпираат еврејските доселеници.

Она што тука е јасно е дека американските и израелските власти ќе донесат одлука за тоа колку земја на крајот од овој процес ќе ѝ остават на палестинската држава, односно на Палестинците, вистинските сопственици на оваа територија.

- Први реакции на планот

Сигурно е дека Палестина нема да прифати ваков план, што создава впечаток дека комплицираниот и повеќеслојниот проблем, каков што е израелско-палестинското прашање, се обидува да се реши со некои економски илузии, а не со политичко решение.

Палестинската управа објави дека не се исполнети нивните барања и порача дека го отфрла овој план подготвен потполно во согласност со израелските интереси.

Исклучително е важно што во името на Палестинците во Газа, и Хамас ја поддржа таквата одлука.

Оваа одлука е важна во смисла на манифестација на волјата на палестинскиот народ, со оглед на тоа дека Трамп веќе „се закани“ со последици доколку овој предлог не се прифати.

Покрај тоа, не е можно да се каже ниту дека договорот е прифатен и поддржан од страна на цел Израел.

И покрај објаснувањето на Трамп, опозициските партии во Израел го доведуваат во прашање планот кој, како што наведуваат, може да доведе до трета интифада на Палестинците.

Фактот дека лидерот на израелската опозиција и претседател на Сојузот на сино-белите, Бени Ганц, кого Трамп го повика во Вашингтон да разговараат за планот, се врати во Израел без да присуствува на обраќањето, показател е на збунетост и поделби кај израелската страна.

Оние што тврдат дека со потезите направени во текот на двата избори минатата, 2019 година, Трамп интервенирал во израелската политика во корист на Нетанјхаху, наведуваат дека и овој пат се работи за истата практика. Но, велат дека тоа овој пат негативно ќе се одрази на исходот на изборите закажани за март идната година.

Затоа, не е можно да се каже дека дури и израелската страна, што се чини дека е најголемиот победник во овој план, во потполност го прифатила планот, кој има потенцијал дополнително да ја загрози постоечката сигурност на тоа подрачје.

Друга страна што е збунета околу планот е САД. Станува збор за планот зад кој не стојат САД, туку Трамп и луѓето од неговото опкружување.

Одредени кругови, првенствено демократите, сметаат дека е нанесена штета на моменталната посредничка улога на САД, поради која, на некој начин, го загубиле кредибилитетот за преговори во мировниот договор.

- Што по ова?

Откако палестинската администрација порача дека нема да прифати свое уништување, се очекува дека американската и израелската страна ќе го продолжат процесот без палестинската администрација.

Секој притисок врз палестинската Влада, која го отфрли таканаречениот мировен план, на овој начин ќе биде легитимиран.

Можно е и дека преку Арапската унија и Организацијата за исламска соработка, палестинската управа ќе се обиде да се спротивстави на планот за нејзиното уништување.

Поради амбивалентниот став на многу муслимански земји, кои - и покрај примедбите од земјите како Катар и Турција - го поддржуваат овој план или молчат, јасно е дека таквата состојба ќе оди во корист на Израел.

Со оглед дека не постои можност исламскиот свет да го реши овој проблем во корист на Палестинците, се чини дека уверувањето на глобалните актери - како Русија и Кина, како и Европската Унија - е неопходно за урамнотежување на позицијата на САД. Во спротивно, во блиска иднина нема да има ниту Палестинци ниту палестинско прашање.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın