Анализа на вести

АНАЛИЗА - Мадридскиот договор и политиката на рамнотежа во турската надворешна политика

- Кандидатурите на Шведска и Финска за прием во НАТО ѝ овозможија на Туркије да ги вклучи своите безбедносни проблеми во меѓународната агенда

Prof. Dr. Tarık Oğuzlu   | 02.07.2022
АНАЛИЗА - Мадридскиот договор и политиката на рамнотежа во турската надворешна политика

Тарик ОГУЗЛУ

[Авторот е академски советник на Институтот за надворешна политика]


ИСТАНБУЛ (AA) - Од членството во НАТО во 1952 година, Туркије отсекогаш ја поддржувала политиката на трансформација на Алијансата. И покрај периодичните кризи и судири на интереси, улогата на Туркије како сојузник на НАТО беше главна врска во односите со западните партнери. Членството во НАТО-сојузот беше неопходно за Туркије во биполарниот свет по Студената војна, не само поради нејзините интереси, туку и поради перспективата на нејзиниот идентитет. Со желба да се носи со безбедносната закана што доаѓаше од Советскиот Сојуз и со цел консолидирање на својот западен идентитет, НАТО отсекогаш бил важен за Туркије.

– НАТО-стратегијата на Туркије

На крајот на Студената војна, иако постоеја разлики во мислењата меѓу Туркије и нејзините сојузници во НАТО по прашањето за дефиниција на идентитетот и заканите, Туркије ја поддржа политиката на трансформација на Алијансата. Таа се погрижи да не биде одвоена од политиката на отворени врати на НАТО, што се фокусира на проширување, а во исто време настојува да даде свој најдобар придонес во борбата против тероризмот, организираниот криминал, киберзаканата и пиратските активности на море. Војската на Туркије значително придонесе во мултинационалните мировни операции на НАТО.

Кога ќе се земе предвид оваа позадина, не е изненадување дека Туркије го избра патот на договор среде настојувањето на Шведска и Финска за членство во НАТО и не стави вето на пристапувањето на овие две земји во Алијансата. Би било изненадување Туркије да остане единствената членка што ќе биде против приклучувањето на Шведска и Финска, две нордиски земји кои по долга низа години ја напуштија својата безбедносна политика насочена кон неутралност и незачленување во сојузот и аплицираа за членство во НАТО. Иако е сосема природно што Туркије како сојузник на НАТО ја истакнува својата национална чувствителност, не е реално некои анти-Туркије партии да го претставуваат тој став како негативен развој на настаните и да толкуваат дека стратешкиот правец на Туркије се оддалечува од Западот. Се заборава дека Грција со години го спечување членството на Северна Македонија во НАТО, повикувајќи се на своите национални интереси, и дека Германија и Франција со години приговараа на членството на Украина и Грузија во НАТО, повторно во контекст на нивните односи со Русија.

Одделни кругови тврдеа дека Туркије ќе стави вето на членството на Финска и Шведска во НАТО, користејќи ги сопствените национални интереси како изговор, со што наводно ќе ослаби Алијансата. Меѓутоа, кога ќе се погледне политиката на Туркије во врска со трансформацијата на НАТО од крајот на Студената војна, може да се види дека таа не се однесува спротивно на возвишеното мислење внатре во Алијансата. Барањето на меѓународната политика е да преговара, така што одредени точки на приоритет ќе ги стави над интересите на земјата и ќе делува во согласност со заедничкото мислење што преовладува во Алијансата.

Туркије почна да го менува погледот на НАТО одамна поради својата стратешка автономија и мултилатерално разбирање на надворешната политика. Врвен приоритет за носителите на одлуки беше потполното користење на сите институционални привилегии што ги нуди членството, со цел да се спречи прашањата што се подигнати во рамките на трансформацијата на НАТО да им наштетат на националните интереси на Туркије.


– Членството на Финска и Шведска во НАТО

Познато е дека Финска и Шведска не покажуваат посебна чувствителност кон борбата што Туркије ја води против тероризмот, па дури и го поддржуваат ЈПГ/ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК. По предавничкиот обид за државен удар на терористичката организација ФЕТО во јули 2016 година, голем број пучисти избегаа од Туркије и се засолнаа, меѓу другите земји, и во Финска и Шведска, кои не ги екстрадираа и покрај постојаните барања на Туркије. Ембаргото на оружје што Шведска го воведе кон Туркије, посочувајќи ги воените операции во северна Сирија како изговор, исто така беа предмет на несогласувања меѓу Анкара и Стокхолм. На Анкара исто така ѝ е познат фактот дека значителен број симпатизери на терористичката организација ПКК живеат на територијата на Финска и Шведска и дека двете земји опстојуваат во својата политика на постојани критики на сметка на Туркије.

По состанокот што се одржа во Мадрид на 28 јуни 2022 година потпишан е меморандум меѓу Туркије, Шведска и Финска. Хелсинки и Стокхолм прифатија да ги исполнат барањата на Анкара и тоа беше најважниот настан што им овозможи да бидат и официјално повикани за членство на НАТО. Договорот, со кој двете нордиски земји се обврзаа да го дадат својот вид поддршка на Туркије и кој содржи укинување на ембаргото за оружје и ветување дека ќе се спроведат неопходни правни и административни активности за испорачување на симпатизерите на терористичките организации ПКК и ФЕТО, би требало да се смета за важна придобивка од перспектива на Туркије. Апсолутно е важно дека забелешките на Анкара се земени предвид и дека текстот на договорот го прифаќа и НАТО.

Со оглед на реалниот пресврт во надворешната политика на Туркије во изминатите три години, оваа земја не стави вето на проширувањето на НАТО. Ценета е политиката што Туркије ја води од почетокот на руската војна против Украина. Посредувањето меѓу страните и придонесот кон можен прекин на судирите се меѓу надворешнополитичките приоритети на Туркије. Улогата на оваа земја во надминувањето на глобалната енергетска и прехранбена криза и подобрувањето на одбранбените капацитети на Украина, исто така се сметаат за позитивни и важни. Овие чекори, што Туркије ги презеде во рамките на традиционалната политичка рамнотежа, можат да се сметаат како контрадикторни политики што другите членки на НАТО ги усвоија против Русија. Меѓутоа, поддршката на Анкара кон членството на Хелсинки и Стокхолм во НАТО во последната инстанца, го откри фактот дека надвор од секоја дискусија, Туркије е членка на НАТО.


– Достигнувања на Туркије на самитот на НАТО

Додека тензиите меѓу НАТО и Русија во екот на војната во Украина го отворија патот на Шведска и Финска да се приклучат во НАТО, важен е геополитичкиот резултат дека Алијансата, за која сите тврдеа дека е клинички мртва, излезе посилна од оваа криза. Треба да се напомене клучната улога на Туркије во постигнувањето на овој резултат. Фактот дека Туркије го повлече своето вето има потенцијал да ги разјасни непознаниците за стратешките избори на Анкара.

Покрај тоа, овој процес е многу важен за одржливо опкружување на доверба, бидејќи ѝ овозможува на Туркије да ги постави своите безбедносни грижи на меѓународната агенда и тоа да го почитуваат и западните земји. Земјите членки на НАТО, особено САД, го поздравуваат конструктивниот став на Туркије и тоа може да доведе до позитивен исчекор во односите на Анкара со Западот.

Билатералниот состанок меѓу претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на САД, Џо Бајден, одржан во Мадрид на маргините на Самитот на НАТО, даде позитивни сигнали за иднината. Бајденовите пофалби кон Туркије и неговиот позитивен говор за политиката на Туркије во текот на украинските тензии можат да отворат пат за позитивни резултати во турско-американските односи. Бајден побара од Конгресот да игра улога на посредник во продажбата на воените авиони Ф-16, што ги побара Туркије. Иако не е лесно да се решат постоечките проблеми меѓу двете земји, чекорите што Туркије ги презеде во текот на НАТО-самитот ќе го олеснат формирањето позитивни перцепции во западните престолнини.

Од една страна, втората Студена војна меѓу Западот и Русија го стеснува маневарскиот простор во надворешната политика на Туркије, додека од друга страна, го зголемува стратешкото значење на Туркије. Најважен предизвик за надворешната политика на Туркије во наредните години ќе биде успешното продолжение на повеќенасочната надворешна политика. Политиката на рамнотежа меѓу Западот и Русија е едно од најважните стратешки наследства што ги остави Османлиското Царство. Стратешка е потребата Туркије, која има капацитет, да следи политика на рамнотежа со цел да ги оствари националните интереси. Политиката што Туркије ја усвои од почетокот на руската војна против Украина досега и ставот кој е искажан на последниот самит во НАТО во Мадрид покажаа дека ова историско наследство е прифатено и успешно спроведено.



* [Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на Агенција Анадолија]


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın