Анализа на вести, политика

Анализа - ЕУ не ги одржа дадените ветувања кон Западен Балкан

Контрадикторните изјави на ЕУ насочени кон регионот и очекувањата од овие земји да ги исполнат зададените услови за полноправно членство во Унијата може да се каже дека повеќе преминуваат во стап наместо подадена рака

Dr. Nurgül Bekar   | 18.11.2019
Анализа - ЕУ не ги одржа дадените ветувања кон Западен Балкан

ИСТАНБУЛ (АА) – Нурѓул БЕКАР

Европската Унија од 1950 година продолжува да ја пишува својата долга приказна на интеграција. Од уривањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година наваму, во изминатите 30 години, Унијата спроведе реформи и кај себеси, правејќи чекори во насока на „продлабочување“ на Унијата, и започна со проширување, вклучувајќи нови држави, со исклучок на Велика Британија, формирајќи структура составена од 27 земји.

Денес, Унијата поради темите како што се Брегзит, бегалскиот бран и економската криза, која започна во 2008 година, се соочи со различни економски и општествени проблеми. Поради тие проблеми, процесот на продлабочување и проширување на Унијата бара повнимателна проценка. Во тој контекст, Западен Балкан, кој во моментов е последната област за проширување, е од голема важност за иднината на Унијата.

На Западен Балкан во моментов во тек се преговорите за членство со Србија и Црна Гора, но се појавија проблеми околу давањето датум за започнувањето преговори со Северна Македонија и Албанија, иако ЕУ претходно даде препорака за започнување на преговорите. Босна и Херцеговина и Косово од страна на ЕУ се сметаат за потенцијални членки на Унијата.

Но, кога ќе се земат предвид непризнавањето на Косово од страна на Шпанија и постоечките недоразбирања околу сопственоста на постоечките територии и граници меѓу земјите од Западен Балкан, насоката на врските на овие земји со ЕУ не е елемент кој е од витално значење само за иднината на Европската Унија, туку и од аспект на безбедноста на ЕУ и Балканот.

Инаку, во случај на евентуална нестабилност на Западен Балкан, не е воопшто тешко да се помисли дека би се вратила хаотичната состојба што беше доживеана во 90-тите години од минатиот век.

Доколку ветото што изминатите денови го стави Франција за започнување на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во Унијата го разгледаме во рамките на стабилноста на Западен Балкан, тогаш тоа се истакнува како настан кој ги поткопува сигурноста и кредибилитетот на ЕУ.

Иако ветото реално е ставено кон Северна Македонија и Албанија, тоа испраќа негативна порака кон Србија и Црна Гора, чии преговори се во тек, и кон БиХ и Косово, за кои се вели дека се потенцијални членки. Емануел Макрон, претседателот на Франција, во интервјуто за списанието „Економист“ (The Economist) дадено на 7 ноември рече дека НАТО „има мозочна смрт“, додавајќи дека е потребно Европа да презема дејствија во светот како една стратешка моќ, и одејќи многу понапред, БиХ ја опиша како „темпирана бомба“, што предизвика разочарувања меѓу земјите од Западен Балкан.

Во тој контекст, БиХ вели дека ЕУ не сака полноправни членки на Унијата да бидат земји во кои мнозинството се муслимани. За регионот во кој Албанија и Црна Гора станаа членки на НАТО, а Северна Македонија е во обид да стане членка на Алијансата, Макрон се прашува дали овие членки на НАТО меѓусебно би се заштитувале или не, истакнувајќи дека тоа е негативен пристап за земјите од Западен Балкан и од аспект на членство во ЕУ и од аспект на членство во НАТО.

- Разочарување на земјите од Балканот

Додека политичките лидери, аналитичарите и новинарите најостро го осудија ветото на Макрон, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, изјави дека неговата земја е „жртва на една историска грешка“, додавајќи дека се разочарани и огорчени.

Експертите сметаат дека ставот на ЕУ на оваа тема, со кој се негира претходно дадената изјава на Унијата, ќе создаде средина во која ќе ослабнат демократијата и владеењето на правото и ќе доведе до дестабилизирање на политичкото опкружување. Освен тоа, експертите сметаат дека таквата состојба ќе предизвика овие земји да потпаднат под влијанието на источните сили Русија и Кина, кои од ден на ден во регионот стануваат сè помоќни.

Како доказ за тоа е фактот дека ветото кон Северна Македонија предизвика одржување вонредни избори во земјата на 12 април 2020 година. Во вестите и анализите објавени во меѓународните медиуми се вели дека донесените одлуки за преговорите за членство во ЕУ уште сега предизвикуваат проблеми во земјите кои се засегнати од тоа, додавајќи дека она што го доживеа Грција по изборите во Европскиот парламент би можело да се повтори во Северна Македонија.

Меѓународните медиуми коментираат дека по предвремените избори во Северна Македонија закажани за следната година, премиерот Зоран Заев и неговата Влада би можеле да си заминат од власта, што би претставувало создавање нови политички проблеми во земјата.

За Еди Рама, премиерот на Албанија, ветото е последица на внатрешните проблеми во ЕУ, кој заедно со претседателот Илир Мета и останатите државни политичари истакнуваат дека се длабоко разочарани поради неодржувањето на дадениот збор од страна на ЕУ, истакнувајќи дека таквата одлука негативно ќе влијае врз политичката и економската состоја во земјата.

Заменик-министерот за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, во врска со одлуката на ЕУ да не ги започне преговорите со Албанија, не го критикуваше само ставот на Франција, туку и на германската канцеларка Ангела Меркел, истакнувајќи дека грешката е кај Меркел, бидејќи не кажала што сè е потребно да се исполни за започнување на преговорите.

Од оваа точка гледано, не би било погрешно доколку се каже дека свои влијанија имале постоечката маскирана расправа меѓу Франција и Германија за лидерство во ЕУ и различните ставови на земјите членки на Унијата кон Западен Балкан.

Доколку се размислува од аспект дека Германија е членка на ЕУ која е највлијателна на Западен Балкан, нема многу јасна слика за политичкиот состав на Германија по Меркел (кој ќе дојде на местото на Меркел на Конгресот на Христијанско-демократската партија (CDU) закажан за 22 ноември 2019 година), што уште повеќе го прави неизвесен ставот на ЕУ кон регионот.

Иако претседателот на Франција, Макрон, го прифаќа членството на земјите од Западен Балкан во Унијата и отворено истакнува дека иднината на регионот е во ЕУ, тој истакнува дека овие земји за да станат членки во Унијата, особено треба да ги решат проблемите поврзани со миграциите и сиромаштијата.

Заедно со Франција, и Холандија во Брисел изврши притисок да не се брза околу започнувањето на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, но тоа влијае и врз политиките на земјите членки на Унијата кон земјите кандидати, што резултира со проблеми околу инвестициите што би се спровеле во регионот. Ако се погледне наназад, Макрон на минатогодишниот Самит на ЕУ во Бугарија рече дека многу брзото проширување би ѝ наштетило на Унијата, додавајќи дека е потребно превенствено ЕУ да се фокусира на внатрешните реформи.

- Контрадикторните одлуки на ЕУ

Во 2003 година во Солун се одржа Самитот на ЕУ, каде што за првпат ЕУ ја претстави својата перспектива за полноправно членство на земјите од Западен Балкан, поставувајќи си цел овие 6 земји да станат полноправни членки на Унијата до 2025 година. Но иако ЕУ самата ги претстави овие перспективи, донесе различни одлуки поради кои голем број проблеми со кои се соочуваше регионот станаа уште потешки.

Билатералните недоразбирања меѓу Србија и Косово, Северна Македонија и Грција, големиот процент на невработеност во регионот, миграциите, етничкиот национализам, економските и општествените проблеми се дел од проблемите кои се сериозна закана за иднината на Западен Балкан.

Од тој аспект, контрадикторните изјави на ЕУ насочени кон регионот и очекувањата од овие земји да ги исполнат зададените услови за полноправно членство во Унијата може да се каже дека повеќе преминуваат во стап наместо подадена рака, што всушност претставува одложување на една неизвесна иднина која никогаш нема да дојде. Затоа таквиот неодреден став на ЕУ, на еден парадоксален начин ги оддалечува земјите од Западен Балкан од исполнувањето на критериумите за полноправно членство.

Доколку се земат предвид тешките економски, политички и општествени услови во кои се наоѓаат земјите од Западен Балкан, уште колку долго ќе ги продолжат своите соништа за полноправно членство во ЕУ, природно, ќе зависи од регионите како што се Русија, Кина, земјите од Заливот и политиките на другите актери во регионот.

На оваа тема, експертите во своите анализи истакнуваат дека неисполнувањето на ветувањето на ЕУ за полноправно членство на земјите од Западен Балкан во Унијата ќе предизвика разочарувања поради кои ќе се појават негативни последици, посочувајќи дека спротивно од очекувањата на ЕУ, тоа нема да создаде стабилна и безбедна средина.

Лидерите на ЕУ по неколку недели, во декември повторно ќе го разгледаат прашањето за проширување на Унијата. Северна Македонија и Албанија очекуваат позитивен одговор од Самитот, но доколку се земе предвид политиката на ЕУ полноправното членство на овие земји да биде пренесено што е можно на подалечен датум, се чини дека тоа ќе биде многу тешко.

Како што изјави Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија чиј мандат завршува наскоро, многу поважно од почитувањето на ЕУ е во Европа да се обезбедат траен мир и стабилност. Во спротивно, би било само сон да се создаде стабилно опкружување на Балканот, заедно со ветувањата кон шесте земји и перспективата за полноправно членство во ЕУ.

[Д-р Нурѓул Бекар, професор на Катедрата за меѓународни односи при Универзитетот во Кастамону]

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.