Анализа на вести

АНАЛИЗА ‒ Дали Европската Унија формира свое НАТО?

Во 2000-дите, ЕУ, која не можеше да излезе од разните кризи, како што се економската, бегалската, Брегзит, подемот на екстремната десница и Ковид-19, се оддалечи многу од целта што ја постави на почетокот на милениумот на Самитот во Хелсинки во 2003

Doç. Dr. Filiz Cicioğlu   | 08.07.2022
АНАЛИЗА ‒ Дали Европската Унија формира свое НАТО?

Доц. д-р Филиз Џиџиоглу за АА напиша анализа за чекорите преземени од Европската Унија за безбедноста.


Европските заедници (ЕЗ), обликувани од Париските договори од 1951 година, а подоцна и од Римските договори од 1958 година, беа изградени врз вредности како што се демократијата, човековите права, владеењето на правото и првенствено од економски цели. Иако Европските заедници од своето основање презедоа различни иницијативи (план „Плевен“, планови „Фучет“ итн.) во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, сепак, претпочитаа да се најдат под капата на НАТО, особено во областа на одбраната за време на Студената војна.

Во овој процес, директната, холистичка, конвенционална и симетрична воена закана која произлезе од комунистичкиот блок, го остави своето место на несигурна, индиректна, асиметрична и неконвенционална закана по Студената војна. Всушност, оваа закана се претвори во конфликти на Балканот поради кои Европа повторно имаше потреба од НАТО.

Во периодот по 1990 година, ЕУ, и покрај сѐ, се обиде да преземе конкретни чекори како што е формирањето на високото претставништво за Заедничка надворешна и безбедносна политика во областа на одбраната и безбедноста и формирањето на Европската агенција за одбрана.

Но и покрај тоа, таа секогаш остана зад и во сенка на САД во однос на воената моќ. Прашањето што треба да се постави овде е дали токму тоа е волјата на ЕУ. Дали ЕУ, која има вредности и идеали изградени врз економски основи, е всушност мировен проект? Има ли намера да стане актер на кого ќе му треба цврста моќ во светската политика?


‒ Дали ПЕСКО е НАТО на ЕУ?

Во 2000-дите, ЕУ, која не можеше да излезе од разните кризи, како што се економската криза, бегалската криза, Брегзит, подемот на екстремната десница и кризата Ковид-19, се оддалечи многу од целта што ја постави на почетокот на милениумот на Самитот во Хелсинки во 2003 година [1]. Фактот што трансатлантските односи почнаа да се доведуваат во прашање за време на претседателството на Трамп, како и излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата со процесот на Брегзит, ги натера земјите од ЕУ повторно да преземат чекори за да се одбранат. Првиот проект што се појави во оваа рамка беше Постојаната структурна соработка, кратко наречена ПЕСКО.

Овој проект, кој беше создаден со договорот потпишан во 2017 година, имаше за цел заеднички да ги подобри одбранбените капацитети на земјите членки и да ги направи погодни за воени операции на ЕУ.

Исто така, се предвидуваше појава на ЕУ како меѓународен одбранбен партнер, заштита на европските граѓани и ефективно искористување на трошоците за одбрана.

Ваквата иницијатива во рамките на постојаната одбранбена соработка може да се гледа како потег што ќе ја зголеми волјата и можностите на сите страни да инвестираат во заеднички одбранбени и безбедносни проекти и да ги збогатат своите оперативни капацитети.

Во овој поглед, именувањето ПЕСКО, кој е сеопфатен одбранбен пакет, како „НАТО на ЕУ“, не е погрешен назив, туку тоа се земји кои не сакаа наднационална структура во областа на одбраната. Исто така, од слични причини спречија оваа формација да оди напред и да биде алтернатива на НАТО.


‒ ЕУ на својата агенда ја врати стратешката автономија

Она што се случи во процесот што доведе до војна во Украина по руската анексија на Крим, го зголеми нивото на перцепцијата на ЕУ за заканата од Русија, исто како што беше и за време на Студената војна.

Со зголемувањето на границите на ЕУ со Москва, постојаното кимање на Путин на Запад преку Украина и ефектот од зависноста од енергијата ги натера лидерите на ЕУ да бараат решенија кои повторно ќе ја зголемат нивната соработка во одбраната.

Дополнително на тоа, американскиот претседател Џо Бајден остави впечаток дека ќе биде поуспешен во трансатлантските односи од Трамп. Но тој не побара мислење од европските партнери за повлекување од Авганистан, а договорот на Франција со Австралија беше занемарен во Азиско-пацифичкиот Регион, каде што започна да се применува договорот АУКУС меѓу Австралија, САД и Велика Британија.


‒ Стратешки компас на ЕУ

Во оваа рамка, иницијативата што треба да се спомене е Стратешкиот компас, кој беше подготвен на крајот на 2021 година. Стратешкиот компас стана позначаен со рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година и беше објавен во март. Со оваа иницијатива ЕУ најави дека има намера брзо да одговори на кризи со формирање на „сили за брзо распоредување“ од 5.000 луѓе. Со документот се има за цел војниците од копнените, воздушните и поморските сили на различни земји на ЕУ првично да спроведуваат редовни вежби под германска команда. Нацртот за стратешки компас, подготвен од високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Џозеф Борел, вклучува четири главни елементи - зајакнување на улогата на ЕУ во управувањето со кризи, подобрување на одбранбените капацитети, овозможување да се спротивстави на кризите и воспоставување партнерства со трети земји.

Две институции на ЕУ играат клучна улога во зајакнувањето на одбранбениот и безбедносниот капацитет на ЕУ. Тоа се ПЕСКО (Постојана структурална соработка) и ЕДФ (Европски одбранбен фонд).

Овие две институции преку координирање и финансирање на критичните одбранбени проекти на ЕУ ја зајакнуваат иновативната, индустриската и научната основа на европската одбранбена индустрија.

Руската инвазија на Украина почна да ја загрозува безбедноста на Европа многу посериозно од кога било досега.

Соединетите Американски Држави и европските држави, исто како и за време на Студената војна, се обединија во заедничка безбедносна политика.

Иако тоа не се истакнува, уште еднаш се покажа значајната улога на американското нуклеарно оружје за безбедноста на Европа. Финска и Шведска, кои долго време водеа политика на неутралност, решија да аплицираат за членство во НАТО, а безбедносната архитектура на Европа почна да се реконструира.

Со Стратешкиот компас создаден во овие услови, ЕУ ги постави своите цели брзо и решително да се трансформира во структура независна од САД и НАТО. Во Стратешкиот компас честопати се нагласува дека оваа иницијатива ќе биде комплементарен елемент наместо алтернатива на НАТО.


‒ Што опфаќа одбранбениот план на ЕУ?

Одбраната беше на врвот на агендата на самитите на лидерите на ЕУ во март и јуни. Акциониот план за одбрана на ЕУ беше споделен со јавноста во мај.

Главната идеја на планот беше „заедничко трошење, поефикасно трошење и инвестирање во европската одбранбена индустрија“.

Целите наведени во документот се: надополнување на намалените залихи на оружје, обновување на воените системи од советската ера, особено во источноевропските земји и зајакнување на системите за воздушна и ракетна одбрана.

Комисијата на ЕУ во планот исто така привлече внимание на „ниското ниво“ на трошоците за одбрана и инвестициите на европските земји.


‒ Разликите во мислењата ја чекаат ЕУ

Германија, доминантната сила на ЕУ, направи многу важни чекори во овој процес, независно од Унијата. Обидот на Русија за инвазија на Украина предизвика масовна трансформација во трошоците за одбрана на Германија. Канцеларот Шолц најави дека освен буџетот за 2022 година, ќе се создаде посебен фонд од 100 милијарди евра со задолжување за проекти за вооружување и неопходни инвестиции за да се доведе Германската армија во силна, модерна и прогресивна формација.

Шолц, исто така, изјави дека Германија отсега ќе ги исполнува критериумите на НАТО, 2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) да бидат наменети за одбраната.

До денес, просечниот годишен придонес на Германија е околу 1,3 отсто.

На овој начин, Берлин, независно од ПЕСКО и ЕДФ, еднострано набавуваше системи за оружје од САД и Израел и ја игнорираше заедничката безбедносна и одбранбена стратегија на ЕУ.

Иако предлозите на Франција за стратешка автономија, чие претседавање со ЕУ заврши на крајот на јуни, беа исполнети, војната во Украина ги откри „ограничените воени способности“ на ЕУ.

Војната во Украина покажа и колку ЕУ е зависна од Русија во областа на енергетиката.

Овие чекори што ги презеде Германија независно од ЕУ може да се претворат во можно француско-германско несогласување во наредниот период.

Со овие несогласувања, ЕУ ќе продолжи да ја потврдува карикатурата што ги прикажува САД како Клинт Иствуд, цврстиот и осамен каубој на меѓународниот систем, а ЕУ како згодниот, но кревок Лоренс Оливие. [2]




[Доц. д-р Филиз Џиџиоглу, Универзитет „Сакарија“]

[1] Целта за формирање сили за одговор при итни случаи од 50-60.000 луѓе на ниво на корпус до 2003 година.

[2] Мехмет Али Тугтан, „Безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија“, „Вовед во Европската Унија, историја, институции и политики“, Ајхан Каја, Сенем Ајдин Дузгит, Јапрак Ѓулсој, Озге Онурсал Бешѓул, 2011 година, списанија на Универзитетот „Билги“ во Истанбул, стр. 270. (257-273)


[Идеите во Анализата му припаѓаат на авторот и не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА)]

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın