Анализа на вести

АНАЛИЗА ‒ Бугарските барања, пречка на евроинтегративниот пат на Северна Македонија

Во наредниот период ќе бидат потребни поголеми напори помеѓу двете страни, но и поразличен пристап на европската дипломатија за да дојде до придвижување на процесите и политиката на проширување да добие „нов ветер во грб“

Admir Fazlagic   | 25.06.2022
АНАЛИЗА ‒ Бугарските барања, пречка на евроинтегративниот пат на Северна Македонија

СКОПЈЕ (АА) ‒ АДМИР ФАЗЛАГИЌ

Заврши уште еден Самит на Европската Унија и Западен Балкан кој помина неуспешно за земјите од регионот и на кој немаше позитивен исход за почеток на отворање на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија.

По завршувањето на Самитот во Брисел, на прес-конференцијата прв се обрати македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Неговата порака беше јасна во однос на францускиот предлог за тоа што би требало да опфаќа преговарачката рамка во која се вклучени бугарските барања кон Северна Македонија, со цел Бугарија да го тргне ветото за Северна Македонија за почеток на преговорите.

„Предлогот во ваква форма каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалиционите партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија“, истакна Ковачевски.

Тој додаде дека доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за позициите на Северна Македонија, постои подготвеност да се вклучат во разговори за истите за да се започнат преговори до крајот на јуни.

Ковачевски потсети дека неговата земја скоро 18 години е кандидат за членство, а поминаа 21 година од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација.

„Ова што се случува е сериозен проблем и сериозен удар врз кредибилитетот на ЕУ“, нагласи тој.

- Макрон со уверување дека се блиску до договор за Северна Македонија -

Францускиот претседател Емануел Макрон потоа излезе со изјава дека се чека конечната одлука на бугарскиот Парламент за предлогот со кој ќе се одблокира ветото за пристапни преговори за Северна Македонија со ЕУ. Тој на прес-конференција по Самиот на ЕУ во Брисел истакна дека верува дека се блиску до договор за Скопје и Тирана да продолжат напред кон преговори.

Макрон рече дека Северна Македонија досега направила историски чекори, како менувањето на името и Уставот, а сега земја членка на ЕУ повторно бара измени.

Најавувања дека Самитот во Брисел нема да донесе добри резултати имаше и ако се погледне изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пред самиот почеток на Самитот ЕУ - Западен Балкан.

„Денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување“, се изјасни Борел.

- Пресврт во Бугарија: Парламентот го одобри францускиот предлог -

Само ден по Самитот во Брисел, бугарското Собрание го одобри предлогот на француското претседателство за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, со цел Северна Македонија да добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.

Усвоениот документ што го предложи лидерот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, ѝ дава зелено светло на Владата во оставка на Кирил Петков да ги одобри преговарачката рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на сложените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови.

Според предлогот изгласан во бугарското Собрание, Бугарија бара ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство од 2017 година, гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот, ништо во пристапниот процес да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик.

- Османи: Клучни се три прашања -

По одобрувањето на францускиот предлог во Собранието на Бугарија, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи излезе на прес-конференција и ја запозна јавноста со неговиот став.

„Три прашања се клучни дали Северна Македонија ќе каже „да“ или „не“ за францускиот предлог. Јазикот, историските прашања како главен критериум за напредување на преговорите и динамиката на уставните измени [уставни измени потребни да се направат за Бугарите да влезат во Уставот на РСМ] се клучни за тоа каква одлука ќе донесе земјата“, вели Османи. Според него, францускиот предлог не е конечен, а надлежните молчеле за процесот досега за да не влијаат на случувањата во Бугарија.

„Сега останува да видиме каков текст има усогласено Бугарија и каква е нивната позиција, и што ќе предложи Франција откако ќе ги види двете позиции на земјите, како тие ќе пристапат во процесот. Ќе бидеме во комуникација, и да видиме што ќе достават како конечен предлог“, истакна Османи.

Тој објасни и дека засега е во оптек работна верзија на преговарачката рамка, во која треба да бидат внесени забелешките на двете страни.

- Како Бугарија стана пречка на патот на Северна Македонија кон ЕУ?

За состојбата да биде појасна, да се навратиме на тоа како Бугарија го отвори проблемот со Северна Македонија.

Министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ во март 2020 година дадоа зелено светло за пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, без да прецизираат датум за почеток на преговорите.

Неколку месеци подоцна, на Самитот во ноември 2020 година, Бугарија стави вето на преговарачката рамка за Северна Македонија која требаше да ги почне пристапните преговори за членство во Европската Унија. Оваа одлука на Бугарија беше уште една пречка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, откако со Преспанскиот договор, со кој го смени уставното име од Македонија во Северна Македонија, се реши овој спор со Грција, со посредство на Обединетите нации.

Откако Бугарија го стави ветото, двете земји водат бројни преговори со цел решавање на спорот кој предизвика политички турбуленции во Бугарија и доведе до оставка на министри во Владата предводена од Кирил Петков, а беше сменет и претседателот на Парламентот. Само неколку дена потоа, бугарскиот Парламент изгласа недоверба на Владата предводена од Петков, а од она што може да се види според изјавите на политичарите, освен економската криза, прашањето со Северна Македонија е една од поголемите причини за изгласување на недовербата на Владата на Петков.

Со цел да се надмине проблемот дипломатски напори вложи Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон во последните месеци. Претседателот на Северна Македонија, гостувајќи во телевизиска програма, во пресрет на Самитот ЕУ - Западен Балкан, на прашањето за спорот со Бугарија информира дека наназад неколку месеци се водат разговори од министерствата за надворешни работи помеѓу Северна Македонија и Бугарија и дека дебатите не вродиле со плод.

Претседателот Пендаровски објасни дека пред месец и половина француското Претседателство решило да се вклучи во преговорите, преку главен советник на претседателот Макрон за Балканот, кој бил во Скопје и Софија и разговарал со политичките лидери околу базичните принципи преку кои страните не можат да поминат.

‒ „За историските прашања и оспорување на јазикот нема место во Преговарачка рамка“ ‒

Претседателот Пендаровски во телевизиското интервју оцени дека „на историските прашања и оспорувањата за јазикот не им е место во преговарачката рамка“, нагласувајќи дека таа не може да се усвои, ако [Северна Македонија] не каже „да“.

Од друга страна, во Бугарија, францускиот предлог за преговарачката рамка, претседателот на државата, Румен Радев, го оцени како „најдобар досега“. Радев во изминатите денови во бугарските медиуми истакнуваше дека тоа немало да се случи доколку Бугарија не го употребела ветото со јасен став и аргумент.

‒ Ситуацијата ја комплицира политичката криза во Бугарија ‒

Откако падна Владата во Бугарија предводена од Петков која беше изгласана пред само шест месеци, тој најави дека ќе ја поднесе оставката до Владата, а потоа следуваат уставни процедури, според кои претседателот на Бугарија би требало повторно нему да му го додели мандатот за состав на новата Влада, бидејќи неговата партија има освоено најмногу пратенички мандати на последните избори.

‒ Оддалечување од решението ‒

Во вакви околности, извесно е дека постојат тешко надминливи разлики околу решението помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Француското претседавање со ЕУ завршува на 30 јуни, а од 1 јули претседавањето го презема Чешка. Она што е јасно, во наредниот период ќе бидат потребни поголеми напори помеѓу двете страни, но и поразличен пристап на европската дипломатија за да дојде до придвижување на процесите и политиката на проширување да добие „нов ветер во грб“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın